Боже мој! Цела минута блаженство! Та зар малку е тоа, макар и за цел живот?... | Кон „Бели ноќи“ од Ф.М. Достоевски

Боже мој! Цела минута блаженство! Та зар малку е тоа, макар и за цел живот?... | Кон „Бели ноќи“ од Ф.М. Достоевски

Боже мој! Цела минута блаженство! Та зар малку е тоа, макар и за цел живот?... | Кон „Бели ноќи“ од Ф.М. Достоевски

Пишува: Андриана Ристевска


Ова е толку кратка, а моќна приказна што читателот ќе се запраша дали воопшто постои, или е фрагмент на неговата имагинација. Поминува толку брзо, ама целосно те менува, како белег трајно врежан во твојот мозок којшто ќе биде доказ за нејзиното постоење.

Сместена во Санкт Петербург, приказната започнува со нежните пејзажи и искрената исповед на дваесет и шестгодишен младич. Тој е осамен мечтател кој живее во своите фантазии, но тоа ќе се промени кога ќе ја запознае Настењка. Таа ќе му подари еден поглед низ прозорецот на животот и тој ќе си дозволи да ја замисли својата иднина со неа. Во текот на три ноќи, тие си ги споделуваат своите животни приказни, среќни што имаат пред себе личност што ќе ги сослуша и разбере. Меѓутоа, четвртата ноќ со себе носи една бура. Прашањето е: кој поуспешно ќе се засолни од таа бура?

Стилот на Достоевски во оваа книга е магичен, раскошен и привлечен. Ова е една од оние книги кои по читањето ти оставаат многу отворени прашања. Пред вас е аналитичка приказна со комплексни ликови. Достоевски толку убаво ги доловува различните карактери и перспективи што читателот ги сфаќа нивните ситуации и постапки. А што претставува квалитетната книжевност ако не начин за разбирање и прифаќање на разликите кај другите, оние за кои не би ни претпоставиле дека еден ден може да ги разбереме? Мечтателот, чие име останува непознато за нас е повлечен човек со добра душа. Толку е навлезен во фантазирањето што се запрашав дали навистина Настењка постои или и таа е дел од неговата имагинација. Неговиот однос со Настњека е посебен и во ниту еден момент не е нападен или предаторски. Ако неговата изјава на љубов е злодело, се прашувам, дали ќе постоеше затвор со празна ќелија?

Настењка, чие име е споменато над 100 пати во оваа кратка книга, е девојка која очајно посакува да го почувствува ветрето на слободата. Сака да ги пресече конците кои ја задржуваат во кутија и слободно да го истражува светот. Нејзиното правило се чини како да се руши пред нејзините нозе. Но зарем постои некој меѓу нас кој не одбрал погрешно друштво, само за да не се соочи со канџите на осаменоста?

Имам толку многу да кажам, а сепак, не знам дали ќе биде веродостојно за големината на ова дело. Смешно како едвај 90 страници те тераат да дискутираш со часови, нели? Е, па токму тука е маестралноста на Достоевски. Напишал приказна која ќе те натера сам да си ја разработиш, според твоето размислување и знаење.

Сепак, уште нешто кое би го забележала е симболиката на жолтата куќа. Во Русија, и низ Европа во минатото, изразот ,,жолта куќа“ се користел за психијатриска установа. А тоа дава една поинаква димензија за приказната.

,,Бели ноќи" е ремек-дело кое никогаш нема да можете да го заборавите. Постојано ќе наоѓа простор да исплива на површината на вашите мисли и ќе ве натера повторно и повторно да размислувате за сите деликатни теми кои ги допира. Ова е приказна за осаменоста и колку моќна таа може да биде. За љубовта и дали секој може да ја препознае или пак ќе биде евтина, залажувачка копија. За изборите што ги донесуваме во животот и како понекогаш емоциите се главниот водич. За белите ноќи кои носат нежна и смирувачка меланхолија, без оглед на тоа колку опасни можат да бидат. Приказна за човечките односи и кревкоста на човековата психа. Приказна за чудесното постоење на човекот и сите непознати можности кои се надвор од нашиот досега.

Прва ноќ, втора ноќ, трета ноќ, четврта ноќ... и потоа – утро. Читателот ќе се врати во реалноста заедно со мечтателот. Но дали и срцата ќе следат, или ќе бидат вечно заробени низ улиците на Петербург? Ви давам голема препорака за ова безвременско дело!


Андриана Ристевска е „букстагамерка“ која има Инстаграм профил за препораки на книги. Може да го заследите овде: @prodolzidacitas. Повремено пишува осврти за книжевниот блог prikazni.mk. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново